Германците ја сметаат Франција за најважен меѓународен партнер

– Франција е перципирана од 40 проценти од Германците како најважен меѓународен партнер на нивната земја, веднаш пред САД со 37 отсто, покажуваат податоците од истражување цитирани од агенцијата ДПА. 

Француско-германската соработка е главен двигател на европската интеграција и креирање политики повеќе од шест децении, но меѓусебните релации неодамна беа нарушени поради разликите околу клучните политички прашања кои се однесуваат на безбедноста и одбраната, снабдувањето со енергија и економските предизвици.

Договорениата заедничка владина седница беше откажана минатата година, а кога се одржа во јануари оваа година, исходот не ги исполни очекувањата.

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит утре ќе пристигнат во тридневна посета на Германија, што предвидува и патување со брод до Берлин со канцеларот Олаф Шолц. Макрон  во вторник во Дрезден ќе одржи говор за француско-германските односи.

И покрај неодамнешните турбуленции меѓу Берлин и Париз, кога од Германците беше побарано да ја именуваат „најважната земја партнер“ од петте избори – Франција, САД, Италија, Велика Британија и Полска, тие се одлучија за Франција.

Според резултатите од истражувањето, кое во периодот од 27 до 29 јуни го спроведе Институтот Југов во име на ДПА меѓу репрезентативен примерок од германското население, долгогодишниот трансатлантски сојузник на Берлин во безбедносната сфера – САД, се рангирани малку зад Франција. Далеку зад нив се Италија со 4 отсто и Велика Британија и Полска со по 3 отсто.

Тринаесет проценти од испитаниците рекле дека најважен партнер на Германија е друга земја надвор од понудените пет.

Околу 46 отсто од анкетираните ги оцениле врските меѓу Германија и Франција како добри или многу добри, 39 проценти дека се просечни, а 6 отсто ги сметаат за лоши или многу лоши. Големо мнозинство од 68 проценти одговориле дека односите треба дополнително да се развиваат, а 14 отсто се против.

Шеесет отсто веруваат дека Германија и Франција продолжуваат да бидат „моторот на ЕУ“, за 19 проценти оваа перцепција е неточна; а 21 процент не одговориле.