ГОЛЕМИ ТЕНЗИИ НА ИСТОЧНОТО КРИЛО НА НАТО – Премиерот на Полска со сериозни предупредувања за Вагнер: “Ни се приближуваат, знаеме која е нивната намера!“
„Борците на руската платеничка група Вагнер се приближуваат до источното крило на НАТО со цел да ја дестабилизираат воената Алијанса“, изјави во четвртокот премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки.
Војниците на Вагнер почнаа да тренираат со белоруската Армија, поради што Полска одлучи да распореди над 1.000 војници поблиску до границата.
Во вторникот, официјална Варшава ја обвини и Белорусија за нарушување на полскиот воздушен простор со упадни воени хеликоптери.
„Мораме да бидеме свесни дека провокацијата ќе биде се повеќе и повеќе. Групата Вагнер е многу опасна и се движи кон источното крило со цел да се дестабилизира“, рекол Матеуш Моравјецки по средбата со литванскиот претседател Гитанас Науседа во источна Полска.
Матеуш Моравјецки и Гитанас Науседа се сретнаа во коридорот Сувалки, ретко населена, но стратешки важна област на полската територија меѓу Белорусија и руската енклава Калининград, која ги поврзува балтичките држави со другите членки на НАТО.
Станува збор за копнен појас од околу 100 километри кој се протега долж границата меѓу Полска и Литванија.
Гитанас Науседа вели дека бројот на борци Вагнер во Белорусија би можел да биде повеќе од 4.000.
Според него, доколку ситуацијата се искомплицира, границата со Белорусија би можела да биде затворена.
„Ова ќе биде направено во координација со Полска, Литванија и Латвија“, нагласува тој.
Белорусија му дозволи на рускиот претседател Владимир Путин да ја користи нејзината територија за да ја нападне Украина, но нејзините војници не учествуваат во војната, која трае од февруари 2022 година.