Големо невреме ја зафати Словенија, делови од земјата останаа без струја (ФОТО)

Многу силно невреме со обилни врнежи, ветер и град ги погоди западните делови на Словенија.

Веб-страницата ,,24.ur” јавува дека некои области останале без струја, а во некои продавници навлегла вода.

24.ur наведува дека бурата потоа се преселила кон долината Випава и Горишка, а град со големина на јајце паднал во Ајдовчина.

Силно невреме претходно го погоди и словенечкото крајбрежје на Јадранот.

Поради краткотрајниот обилен дожд, водата ја поплави улицата Складишчна во Изола, а читател на 24 ur извести дека е поплавен и плоштадот Прешернов.

Центарот за сообраќај и информации на Словенија предупредува дека има одрони на одредени делници од патиштата во реонот меѓу Сеча и Изола, како и меѓу Драгоња и Копер.

Веб-страницата ,,Метеоинфо Словенија” предупреди дека системот за бура продолжува да се движи на север кон Горење.

– Подоцна невремето и врнежите ќе се преселат на исток – објави таа веб-страница.