Гутереш: Израелски напад врз Рафах би предизвикал хуманитарна катастрофа и последици за целиот регион
Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш предупреди на опасност од хуманитарна катастрофа и последици за целиот регион доколку израелската војска продолжи со офанзивата во Рафах, јужниот дел на Појасот Газа.
– Половина од населението на Газа сега е во Рафах и нема каде да оди. Информациите дека израелската војска планира да ги фокусира следните операции на Рафах се алармантни. Таквата акција експоненцијално ќе го влоши она што веќе е хуманитарен кошмар со неописливи регионални последици, објави Гутереш на Икс.
Неодамна израелската влада најави офанзива против Рафах, град лоциран на границата со Египет. Пред војната, градот беше дом на околу 200.000 луѓе, а сега таму има повеќе од еден милион Палестинци кои избегаа од борбите од другите делови на Појасот Газа.