Пред 10 години, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, одметнувајќи се од партијата СДСМ, формира своја партија Граѓанска опција за Македонија или скратено ГРОМ.
Логично, претседател на таа партија и ден денеска е самиот Јакимовски, но она што е помалку заборевено е дека меѓу основачите на ГРОМ или од првите денови од нејзиното формирање е Сашо Клековски, аналитичар и долгогодишен извршен директор на МЦМС.
На свеченоста по повод формирањето на партијата ГРОМ, токму Клековски е во првиот ред, веднаш до Јакимовски.
Осум години подоцна, во 2021 година, Клековски ќе присуствува во штабот на Јакимовски, на изборниот ден кога Јакимовски повторно станува градоначалник на Карпош.
Но, повеќе од пред година и половина, односно од крајот на јануари 2022, Клековски станува дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ и веднаш е лансиран во високото партиско раководство.
Клековски станува дел од Извршниот комитет на партијата, кое како и секој извршен орган во секоја партија е составен главно од блиски соработници на претседателот на партијата, во случајот, тоа е Христијан Мицкоски.
Оттогаш Клековски јавно и често ги застапува партиските ставови и интереси во јавноста.
Но, неговиот „довчерашен“ соработник, Јакимовски, денес има сосема поинакви ставови за „новиот лидер“ на Клековски, Христијан Мицкоски.
Јакимовски веќе неколку месеци е во јавна кавга со Мицкоски, го обвинува дека е неспособен и сака да врши влијание врз градоначалниците, дека ја лаже јавноста и членството, а една прилика и јавно му се закани со физичко насилство.
„Мицкоски го краси неискреност, често пати знае да излаже, знае и да изманипулира“ ќе рече Јакимовски пред неколку недели.
„Тој заслужи бокс да му мавнам, а не коалиција да раскинам. Односот кон мојата партија го трпев, но кога се граѓаните во прашање тоа не можеме да го поминеме“ велеше Јакимовски во јуни 2022 година, само неколку месеци откако Клековски стана дел од ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Клековски, јавно барем досега не ги коментирал ставовите на Јакимовски кон Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.