Со децении се зборува дека вегетаријанската исхрана е добра за здравјето, а сигурно многу пати сте читале за многуте познати личности кои се откажале од месото, а често и од другата храна од животинско потекло. Иако месото е главен извор на протеини и мора да се јаде во детството и за време на растот, дали неговото подоцнежно отфрлање автоматски значи губење на тежината? Дали вегетаријанството навистина ќе ви помогне да живеете подолго и да бидете поздрави?
Денес е Светски ден на вегетаријанците, па прво да објасниме што точно значи „вегетаријанец“:
Постојат два основни типа на вегетаријанска исхрана: „ово-лакто“ и строго веганско.
Повеќето вегетаријанци го следат првиот начин на исхрана, а во нивните фрижидери освен овошје, зеленчук, житарки, јаткасти плодови, соја… можете да најдете млеко, сирење и јајца. Кога станува збор за нутритивните потреби, да се биде вегетаријанец не прави значајна разлика во споредба со луѓето кои претпочитаат сочни стекови, шницли со филе и кифлички со месо, се согласуваат лекарите.
Меѓутоа, веганите ги избегнуваат сите производи од животинско потекло, вклучувајќи го и медот, и затоа мора да бидат многу внимателни при изборот на храна за да ги добијат сите потребни хранливи материи. Често се споменува недостаток на калциум, железо и познатиот витамин Б12, но веганскиот став е дека сето тоа може да се надомести со суплементи.
Помфрит или лосос?
Луѓето се откажуваат од месото поради многу причини: етички, религиозни, духовни, еколошки, економски, здравствени, па дури и естетски. И навистина, тоа е еден од најздравите начини за исхрана (под услов да се храните правилно), бидејќи овошјето, зеленчукот и житарките се преполни со витамини и минерали, како и влакна, кои се неопходни за варење и добар имунитет.
Докажано е дека вегетаријанската исхрана е поврзана со помал ризик од исхемични болести на срцето и мозокот.
Вегетаријанците, исто така, се чини дека имаат пониски нивоа на липопротеини со ниска густина (LDL) холестерол, понизок крвен притисок и пониски стапки на дијабетес тип 2.
Вегетаријанците исто така имаат помал индекс на телесна маса, помала вкупна стапка на рак и помал ризик од хронични болести.
Меѓутоа, ако избирате мрсни вегетарски хамбургери и помфрит за ручек на секој час, веројатно ќе бидете помалку здрави од некој кој често ужива лосос на скара.
Познати вегетаријанци
Што ги поврзува Платон, Аристотел, Леонардо да Винчи, Гете, Чарлс Дарвин, Никола Тесла, Боб Дилан и Џон Ленон? Погодувате, фактот дека тие биле вегетаријанци.
Меѓу современиците се Новак Ѓоковиќ, Бранко Ѓуриќ Ѓуро, Мајк Тајсон, Мајли Сајрус, Аријана Гранде, Оливија Вајлд, Бред Пит, Натали Портман, Ен Хатавеј, Ентони Киедис…