Астрономите можеби откриле „слаба“ ѕвезда која се движи низ центарот на нашата галаксија, влечејќи планета со себе. Доколку ова откритие биде потврдено, парот ќе постави нов рекорд за најбрз егзопланетарен систем, кој се движи низ Млечниот Пат речиси двојно побрзо од нашиот Сончев систем.
Планетарниот систем се движи со минимална брзина од 540 километри во секунда, соопшти американската вселенска агенција НАСА.
– Мислиме дека овој супер Нептун орбитира околу ѕвезда со мала маса на растојание што е помеѓу орбитите на Земјата и Венера во нашиот Сончев систем. Доколку се потврди, тоа ќе биде првата откриена планета која орбитира околу ѕвезда со голема брзина, рече Шон Тери, постдоктор на Универзитетот во Мериленд и Центарот за вселенски летови Годард на НАСА.
Тој додаде дека поради слабоста на ѕвездата, оваа планета не е во зоната погодна за живот.
Двојката првпат беше индиректно забележана во 2011 година благодарение на случајно усогласување. Со следење на сигналот, научниците утврдиле дека едното тело е 2.300 пати потешко од другото, но не можеле да ја одредат точната маса.
„Одредувањето на односот на масата е лесно, многу е потешко да се пресмета точната маса“, вели Дејвид Бенет, истражувач од Универзитетот во Мериленд и Центарот за вселенски летови Годард.
Тим од 2011 година процени дека ѕвездата е 20 проценти од масата на нашето Сонце и дека планетата е околу 29 пати потешка од Земјата или дека е забегана планета со маса 4 пати поголема од онаа на Јупитер и сателит помал од Земјата. Научниците го испитуваа парот и, споредувајќи ги податоците за локацијата од 2011 и 2021 година, пресметаа дека ѕвездата има огромна брзина.
„За да бидеме сигурни дека новооткриената ѕвезда е дел од системот што го предизвика сигналот во 2011 година, треба повторно да погледнеме за неколку години и да видиме дали се движи како што очекуваме“, рече Бенет.
– Доколку набљудувањата со висока резолуција потврдат дека ѕвездата е на иста локација, можеме да бидеме сигурни дека не е дел од системот. Ова би значело дека има поголеми шанси да се работи за забегана планета и нејзин сателит, рече Апарна Бхатачарја, коавтор на студијата и истражувач на Универзитетот во Мериленд и Центарот за вселенски летови Годард.
Студијата, чиј главен автор е Тери, беше објавена во The Astronomical Journal .