– Голема работа е што и Вашингтон и Брисел, иако ги знаат нашите „црвени линии“, го оценуваат пристапот кон дијалогот меѓу Белград и Приштина како конструктивен и одговорен, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Во интервју за Гласот на Америка, Дачиќ истакна две црвени линии – прашањето за признавањето на Косово, односно прашањето за членството на Косово во Обединетите нации и „предусловот на сите предуслови“ – прво да се формира Заедница на општини со српско мнозинство.
– Тоа е нешто за кое навистина не треба повторно да разговараме или да преговараме, бидејќи тоа е нешто за што веројатно се договоривме кога го потпишавме тој договор пред 10 години, рече шефот на српската дипломатија, кој изминатите два дена беше во Вашингтон каде што беше гостин на Молитвениот појадок и се сретна со американски функционери во Стејт департментот и Конгресот.
За критиките на опозицијата во однос на планот за Косово, Дачиќ рече дека „кога имате вакво прашање, кое е од државно и национално значење, би било важно, пред сè, да излезете со единствен пристап кон сè“.
– Треба да знаеме што не прифаќаме. А за сè друго треба да имаме тактика за да не испадне дека сето тоа пропаднало поради нас, рече Дачиќ.
За тоа што Србија сè уште не се усогласила со надворешната политика на ЕУ и не вовела санкции против Русија, Дачиќ рече дека „не се работи само за Русија, има и други земји кои се под удар на санкции и затоа мораме да водиме сметка“.
– Сè додека немаме гаранции од Западот дека ќе бидат фер кон нас, не можеме лесно да се откажеме од нашата позиција и безбедни гласови кога станува збор за позицијата во однос на Косово и Метохија, рече Дачиќ.
На прашањето дали Србија е блиску штетата да стане преголема од невоведувањето санкции против Русија, Дачиќ одговори дека мисли дека не.
– Мислам дека прашањето на сите прашања сега е прашањето за Украина. За нас тоа прашање не може да се одвои од прашањето за Косово, односно од прашањето за територијалниот интегритет на Србија. Важно е тие што сакаат да разговараат за тоа со нас да имаат разбирање за нашата позиција, рече Дачиќ.