Димитар Ковачевски: “Истите оние коишто беа против зачленувањето во НАТО, истите тие се против зачленувањето во ЕУ“

„Европската коалиција, нема да се откаже од процесот на европска интеграција на државата, од процесот којшто обезбедува повисок животен стандард на граѓаните, повеќе работни места, подобро владеење на правото“, порача премиерот Димитар Ковачевски.

По работната посета на Брисел, каде учествуваше на Самитот ЕУ – Западен Балкан, Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5 одговори на актуелни прашања за европската перспектива на државата. Тој нагласи дека државните интереси и интересите на граѓаните се на прво место на владината коалиција, за разлика од опозицијата во чиј фокус, како што вели, се партиските и лични интереси.

Истите оние коишто беа против зачленувањето во НАТО, истите тие се против зачленувањето во ЕУ. Тоа што го гледавме во 2008 година во Букурешт, истото го гледаме сега во Брисел, истите политичари, истите политички партии, сега засилени со партијата Левица. Една анти ЕУ, анти НАТО, проруска коалиција, којашто не нуди друга алтернатива, меѓутоа државата повторно сака да ја води во изолација и во статус кво“, вели Димитар Ковачевски

Според него, процесот на евроинтеграција на земјата значи заедничко делување на сите политички и општествени чинители, а владината коалиција, како што кажа, одбрала да го штити државниот интерес.

Ова не е процес на една поличка партија и не е процес на една Влада. Ова е процес на нашето општество, процес во кој треба да се надминат личните, политички и партиски интереси, во насока на остварување на државните интереси. Како претседател на Владата и како претседател на најголемата политичка партија во државата и мојата политичка партија СДСМ и сите коалициони партнери покажавме што значи да се има на прво место државниот интерес, а другите политички партии од опозицијата што значи да се има исклучиво личниот и партискиот интерес пред државата“, посочи Димитар Ковачевски.

Нагласи дека Владата го подобрила животниот стандард на граѓаните, ги вратила демократските процеси во државата и дека е направено многу во сите сегменти за државата.

Ние имавме минимална плата од 8.000 денари, денес имаме минимална плата од 21.000 денари. Имаме пензии зголемени за 50 отсто. Просечната пензија е зголемена за 50 отсто, минималната пензија е зголемена за 50 отсто. Од 26 проценти незапосленост, денес имаме историски најниска незапосленост од 13 проценти“, посочи Димитар Ковачевски.

Во делот на енергетиката, како што посочи, имаме јасна диверзификација на енергетскиот сектор и имплементација на огромен капацитет на нови извори на енергија. Во делот на владеењето на правото, вели дека ако се погледнат бројките за откривање на криминалитет за идентификување на лица, дека тие од година во година се зголемени.

Според Димитар Ковачевски, направени се и голем број реформи, посебно во економските ресори.

Економските ресори во Владата успеаја да направат два големи антикризни пакети на мерки за најранливите категории на граѓани. Светска Банка потврдува дека ние сме држава која има најголема буџетска поддршка во однос на сите земји во регионот за антикризни мерки во време на најголемата економска и енергетска криза. Најранливите категории на пензионери ќе добијат финансиска поддршка, учениците, студентите“, посочи премиерот Димитар Ковачевски.