Димитриевски: Партијата „Знам“ ќе биде во коалиција со граѓаните и мултиетнички субјект во Македонија
Во ексклузивното интервју за ТВ24, претседателот на партијата „Знам“, Максим Димитриевски најави дека на претстојните претседателски и парламентарни избори ќе направат само една коалиција – тоа со граѓаните.
Димитриевски истакна дека партијата „Знам“ на овие избори ќе биде независна, додавајќи дека резултатите и довербата добиена врз основа на нив ќе влијаат на идниот политички пат на државата. Нагласи дека тие нема да бидат ниту спасители на СДСМ, ниту поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за да дојде до власт.
„Новиот политички субјект – За Македонија е официјално заведен со потпис за упис во Централниот регистар“, вели Димитриевски и ќе биде мултиетнички субјект што ќе го градат граѓаните за граѓаните.
„Целта е на следните парламентарни и претседателски избори да излеземе со нашата визија, идеи и концепт како да ја стабилизираме Македонија како држава и да тргнеме во позитивна насока. Што ќе се случи на следните избори? Нешто што се случуваше претходно во Куманово. Во Куманово СДСМ загуби на изборите, а ВМРО-ДПМНЕ не победи. Зошто? Затоа што се роди нова граѓанска иницијатива и со тој пример всушност ќе се водиме на следните претседателски и парламентарни избори“, нагласува Димитриевски.