Директор на болница заврши во контејнер: Пациентите во украинскиот град на необичен начин се бореа за своите права

Во предградијата на украинскиот град Житомир, кој се наоѓа на западот на земјата, локалните жители и медицинскиот персонал одржаа протест пред Мултиспецијалната болница Житомир поради планираното затворање на одделот за неврологија.

За време на протестот се случи инцидент кога насобраните демонстранти го фрлија директорот на болницата Серхи Демуш во контејнер за ѓубре. Инцидентот е снимен на видео кое кружи на социјалните мрежи.

Повод за протестот беше одлуката за реорганизација на невролошкото одделение со терапевтско, што, според вработените во болницата, ќе доведе до отпуштање на 30 здравствени работници.

Директорот Демус на средбата со граѓаните се обиде да објасни дека со реорганизацијата е планирано формирање на одделение за палијативна нега, без значително намалување на бројот на кревети и дека на персоналот ќе им бидат понудени нови работни места.

Но, насобраните не беа задоволни од понуденото образложение и побараа одлуката да се повлече.

Вечерта на собирот се обрати и заменик-градоначалничката на регионот Житомир, Наталија Остапченко, која најави дека одлуката за реорганизација е привремено повлечена, а конечната одлука ќе биде донесена на следниот состанок на локалниот совет.

Житомир се наоѓа на околу 130 километри западно од главниот град Киев.