ДОЈДЕ И ТОЈ ДЕН – Легендарниот голман Џанлуиџи Буфон официјално заминува во пензија

Еден од најдобрите фудбалски голмани на сите времиња, Џанлуиџи Буфон (45 г.) одлучи да стави крај на својата богата фудбалска кариера.

Тој дебитираше за првиот тим на Парма на 17-годишна возраст во 1995 година и таму помина шест сезони. Во тој прв мандат бранеше на 220 натпревари и учествуваше во освојувањето на три трофеи, Купот на Италија, Суперкупот на Италија и Купот на УЕФА.

Потоа во 2001 година се пресели во Јувентус каде што остана 17 години. По една година во ПСЖ се врати во редовите на Старата дама“ уште две години. Вкупно во два мандати во Торино одигра 685 натпревари и освои 10 Скудета, пет Купови на Италија и шест италијански Суперкупа, но немаше среќа да ја освои Лигата на шампионите, иако со Јувентус играше во три финалиња.

Со Пари Сен Жермен ја освои шампионската титула во 2019 година, а последните две сезони бранеше за својата Парма во Серија Б.

Секако, мора да се спомене дека во 2006 година беше еден од главните играчи на Италија кога го освоија Светското првенство.