ДРАМА НА ХАЛКИДИКИ – Мечка го држи во страв целиот регион, секој ден зема по една овца, а мештаните ја чекаат со прстот на чкрапалото
Машка мечка, која неодамна предизвика паника кај жителите на Халикидики во Грција, повторно била забележана во планинското село Таксиархис.
Дивото животно било видено на оддалеченост од куќите и игралиштата пред да исчезне во клисурата. Според веб-порталот EPT, селаните се вознемириле и веднаш ги известиле надлежните кои се на готовност.
Локалните медиуми јавуваат дека во околината на селото Таксиархис редовно се појавуваат мечки, а последен пат возрасна мечка нападнала кошници со пчели и изела големо количество мед и потоа зела две овци од една штала.
Функционер од овој регион на Грција, Димитрис Ланарис, истакна дека мечката прво влегла во шталата минатиот четврток вечерта и зела овца, а потоа се вратила две ноќи подоцна и однела уште едно животно.
На прашањето од каде знаел дека тоа е мечка, а не некое друго диво животно, тој одговорил дека волкот нема да земе една овца, туку ќе убие десетици одеднаш. Од трагите на земјата и оградата се гледа дека се работи за големо животно, многу поголемо од волк, додека на 100 метри од шталата е забележана и мечка која ги напаѓа кошниците со пчели.
„Поставив дополнителна ограда за да ги заштитам моите животни и наместо да ги пуштам надвор како порано, ги чувам внатре, што дефинитивно влијае на нивната благосостојба. За жал, не можам поинаку, со оглед на околностите“, изјавил еден локален жител за тамошните медиуми.
Претседателот на локалната заедница Такиархис, Јанис Ксакис, потсетува дека мечката прв пат се појавила на овој простор пред неколку месеци, напаѓајќи главно кошници со пчели.