ЕВРОПА ТРИЕ РАЦЕ – Руската воена индустрија навистина ги чуствува последиците од санкциите: Погледнете колку им е намален извозот на оружје
Европските земји значително го зголемија увозот на оружје во периодот од 2018 до 2022 година во споредба со претходните пет години, а уделот на Соединетите Американски Држави (САД) во глобалниот извоз исто така нагло се зголеми, објави во понеделникот Шведскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).
Во периодот од 2018 до 2022 година, европскиот увоз на оружје е зголемен за 47 отсто во споредба со периодот од 2013 до 2017 година, соопшти СИПРИ, кој го следи извозот и увозот на воени авиони, воени бродови, тенкови, артилерија, ракети и разни системи за оружје.
Европските членки на НАТО го зголемиле увозот за 65 отсто.
„Иако трансферите на оружје на светско ниво се намалени, тие во Европа нагло се зголемија поради тензиите меѓу Русија и повеќето други европски земји“, изјавил Питер Д. Веземан, висок истражувач во СИПРИ, во соопштението за печатот.
„По инвазијата на Украина, европските земји сакаат да увезат повеќе оружје и тоа за краток временски период“, додал Веземан.
На глобално ниво увозот на оружје е намален за 5,1 отсто.
Африканските земји го намалија увозот за 40 отсто, а оние во Северна и Јужна Америка за 21 отсто. Увозот во азиско-пацифичкиот регион е намален за 7,5 отсто, а на Блискиот исток за 8,8 отсто.
Исклучок во Азија се земјите од источниот дел на континентот и одредени земји во други области со високо ниво на геополитичка тензија, соопштуваат тие.
„Стратешката конкуренција продолжува и во другите делови на светот: увозот на оружје во Источна Азија се зголеми, а испораките на Блискиот исток останаа на високо ниво“, објаснил Веземан.
САД и Русија се најголеми извозници на оружје во светот во последните три децении. Во периодот од 2018 до 2022 година, САД го зголемија своето водство, со 14 отсто поголем извоз во споредба со претходните пет години. Американскиот удел во глобалниот извоз се зголеми од 33 на 40 отсто.
Рускиот извоз на оружје е намален за 31 отсто, а учеството во светскиот извоз од 22 на 16 отсто.
Третопласираната Франција ја престигна Русија со зголемување на нејзиниот удел во глобалниот извоз од 7,1 отсто во периодот 2013-2017 година на 11 отсто во петгодишниот период кој завршува во 2022 година.
„Инвазијата на Украина веројатно дополнително ќе го ограничи рускиот извоз на оружје“, порача Веземан од СИПРИ и додаде: „Затоа што Русија ќе даде приоритет на снабдување на сопствените вооружени сили, додека побарувачката од другите земји ќе остане ниска поради трговските санкции“.
Минатата година СИПРИ предупреди дека глобалниот нуклеарен арсенал најверојатно ќе расте во наредните години, пишува медиумската агенција Reuters.