Во голема операција на Европол, спроведена во Шпанија, Австрија и Белгија, беше разбиена меѓународна криминална мрежа која обезбедувала „услуги“ за перење пари на криминални групи низ цела Европа.
Во акцијата беа уапсени 17 лица, а конфискуван беше имот во вредност од над 4,5 милиони евра.
Од вкупно 17 уапсени лица, 15 беа приведени во Шпанија, а по еден во Австрија и Белгија.
Според Европол, повеќето од уапсените се од кинеско и сириско потекло. Тие се осомничени за обезбедување услуги за перење пари на криминални групи вклучени во шверц на мигранти и трговија со дрога.
Мрежата функционирала преку сенка банкарство, нелегален систем „хавала“, курирска достава на готовина, како и размена на криптовалути за пари.
Криминалната мрежа дејствувала во најмалку две паралелни групи – едната фокусирана на арапското говорно подрачје, а другата на кинеските криминални мрежи.
Европол ја опишува оваа мрежа како една од најзначајните досега разбиени во областа на финансискиот криминал.
Се проценува дека преку оваа структура се испрани повеќе од 21 милион евра, а криминалците, меѓу другото, ги користеле социјалните мрежи за рекламирање на своите услуги и на тој начин стигнале до широка и меѓународна клиентела.
Во оваа операција се запленети 206.000 евра во готово, 421.000 евра на 77 банкарски сметки, 183.000 евра во криптовалути, 10 имоти со вкупна вредност од над 2,5 милиони евра, 18 возила вредни над 207.000 евра, четири пушки со муниција, како и луксузни часовници, накит и други скапи предмети.
Откако претходните операции против шверцери на мигранти го открија постоењето на оваа паралелна банкарска мрежа, Европол и националните агенции започнаа нова истрага. Клучни траги беа пронајдени со анализа на мобилните телефони на осомничени шверцери.