Египетскиот претседател повикува на воспоставување „демилитаризирана“ палестинска држава

– Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси денеска повика на формирање палестинска држава, демилитаризирана со гаранции и присуство на европските, американските или силите на Обединетите нации.

Египетската агенција МЕНА јави дека Ел Сиси во Каиро се состанал со шпанскиот премиер Педро Санчез и со белгискиот премиер Александар Де Кро, а на средбата разговарале за случувањата во Појасот Газа.

„Мора да постои палестинска држава според границите од 4 јуни 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град, рамо до рамо со Израел. Подготвени сме таа држава да биде демилитаризирана и да има гаранции со присуство на сили, без разлика дали се од НАТО, Обединетите нации или арапските или американските сили, за да можеме да постигнеме безбедност за двете држави, палестинската држава во подем и израелската држава“, рече Ел Сиси.

Египетскиот претседател ја истакна неопходноста од признавање на палестинската држава од меѓународната заедница и нејзин прием во Обединетите нации.