Американскиот суд за меѓународна трговија денес ги укина повеќето од царините воведени од претседателот Доналд Трамп , но експертите предупредуваат дека лидерот на Соединетите Американски Држави би можел да употреби други правни аргументи за да ја оспори оваа одлука.
Според мислењето на судот, Уставот на САД му дава само на Конгресот право да ја регулира надворешната трговија, со што се побива аргументот на Трамп за воведување царини врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации (IEEPA).
Сепак, аналитичарите во „Голдман Сакс“, „Дојче банк“ и „Панмур Либериум“ укажуваат дека Трамп би можел да посегне по други законски средства, вклучително и повикување на член 122 од Законот за трговија, објави „Ројтерс“.
Оваа одредба дозволува воведување царини до 15 проценти без формална истрага, со цел да се заштити платниот биланс или стабилноста на доларот. Мерките можат да траат шест месеци без одобрение од Конгресот.
Покрај тоа, американскиот претседател би можел да го искористи Член 301 од Законот за трговија, кој предвидува воведување царини против „нефер трговски практики“, но бара истрага и јавно сослушување.
Трамп веќе ја искористи оваа одредба во својот прв мандат за да воведе царини врз Кина, предизвикувајќи трговска војна меѓу двете земји.
Покрај тоа, член 232 од Законот овластува воведување тарифи од причини поврзани со националната безбедност на САД. Трамп претходно ја користеше оваа опција за челик, алуминиум и автомобили, а исто така започна истраги за фармацевтски производи и полупроводници. Сепак, оваа мерка бара месеци подготовка.
Исто така, достапен е малку познатиот и долго некористен член 338 од Законот за трговија, кој дозволува царини до 50 проценти за земјите што дискриминираат американски стоки, а за него не е потребна јасна дискусија.
Трговската политика на Соединетите Американски Држави останува нејасна, а Трамп има доволно законски опции да ги спроведе своите реципрочни царини, заклучува анализата.