– Првата дама на Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, истакна дека семејното насилство не е приватна работа, туку општествена грижа.
Првата дама имаше воведен говор на тркалезната маса „Спречи, одговори, заштити: Како да се зајакне борбата против семејното насилство во Република Северна Македонија“ во организација на ОБСЕ.
На настанот присуствуваа и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадор Килиан Вал, амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин, претставници од други институции и невладини организации.
Настанот почна со едноминутен молк поради убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, случај којшто полициските служби го расчистија во текот на неделата откако беше пронајдено телото.
Во својот говор, Ѓоргиевска истакна дека настанот посветен на борбата против семејното насилство претставува значаен придонес кон темите што ги опфаќа кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Таа рече дека насилството ги надминува географските, културните и социоекономските граници.
„Семејното насилство не е приватна работа, туку општествена грижа која бара координирано решение, унисон глас кој ќе го побие молкот на сите што страдаат во тишина“, рече Ѓоргиевска.
Првата дама нагласи дека покрај многубројните кампањи за подигање на свеста и законските обврски, бројките укажуваат на разочарувачкиот факт дека ситуацијата не се подобрува, туку се влошува.
„Од 2019 до денес сведоци сме на над 20 случаи на фемицид, убиство на жена само затоа што е жена, и претставува најекстремна манифестација на насилство врз жена. Повеќето од овие жртви страдале од рацете на нивните поранешни или сегашни партнери или сопружници“, рече Ѓоргиевска.
Таа додаде дека подигнувањето на јавната свест за достапните начини за пријавување и барање помош е од клучно значење за да се осигури дека жртвите се свесни за нивните права и ресурсите со кои располагаат.
„За крај, да се потсетиме на повикот од Истанбулската конвенција која ги повикува потписниците да промовираат промени во социјалните и културните модели на однесување на жените и мажите со цел искоренување на предрасудите, обичаите, традициите и сите други практики кои се засноваат на идејата за инфериорност на жените или стереотипните улоги на жените и мажите“, рече Ѓоргиевска.