“ЖАЛБАТА Е ОДБИЕНА!“ – Официјално: Судот во Франција ја потврди тригодишната казна ‘затвор’ на поранешниот претседател Никола Саркози
Жалбата на поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, во средата пред Апелациониот суд во Париз беше отфрлена, а истата беше против пресудата за корупција и злоупотреба на влијание од 2021 година.
Судот му ја потврди казната од три години затвор, од кои две се условни. Судот одлучил Никола Саркози да може да носи електронска нараквица наместо да помине една година во затвор.
Мандатот на Никола Саркози (68 г.) траеше од 2007 до 2012 година, а тој беше вовлечен во правни проблеми откако ја напушти функцијата.
Во март 2021 година, тој беше осуден на три години затвор, од кои две се условни, а една во домашен притвор со електронска нараквица, за корупција и трговија со влијание преку тајна телефонска линија што била откриена со прислушување.
Судот утврдил дека Никола Саркози и неговиот поранешен адвокат Тиери Херцог склучиле „корупциски пакт“ со судијата Гилберт Азиберт за да добијат и споделат информации за правната истрага.
Инспекторите прислушувале две официјални телефонски линии на Никола Саркози, а во 2014 година откриле трета, неофицијална под името „Paul Bismuth“ преку која тој комуницирал со Тиери Херцог.
Содржината на овие телефонски повици доведе до пресуда за корупција во 2021 година. Никола Саркози ги негираше обвиненијата и веднаш поднесе жалба на пресудата.
Неговите разговори со Тиери Херцог сега за прв пат се слушнаа пред судот и беа клучни за пресудата.
Обвинителите побараа три години условна казна за Саркози, Херцог и Азиберт.
Тие исто така побарале Саркози и 76-годишниот Азиберт да бидат суспендирани од јавните должности, а на 67-годишниот Херцог да му биде забрането да работи како адвокат во период од пет години.