Жените не мора да ги загушуваат амбициите и да бираат дали ќе станат мајки или ќе имаат кариера – Ристоска бара одговорност за дискриминацијата

Поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители, а сегашен член, Антонио Јолевски и обвинителката во поранешното Специјално јавно обвинителство, Ленче Ристоска се соочија пред Управниот суд. Јолевски не го прифати мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација кое утврди дека ја дискриминал Ристоска затоа што била на породилно отсуство при изборот на обвинители во Вишото јавно обвинителство, кога таа по втор пат не беше унапредена.

Јолевски не се извинува, туку остана да објаснува дека изјавата „таа (Ленче Ристоска) во моментов е и на породилно и да изберевме, пак ке биде на породилно“ била извадена од контекст и дека воопшто не мислел да ја дискриминира затоа што е на породилно отсуство. И тој и неговиот полномошник побараа Управниот суд да ја прифати неговата тужба.

Неговата теза е дека Ристоска не била унапредна затоа што тогашниот републички Јавен обвинител не доставил извештај за нејзината работа иако членовите на Советот на јавни обвинители побарале ваков извештај за да извршат оценување.

Пресудни беа извештајите за работа. Породилното отсуство беше споменато во контекст на немањето на извештаји. Изјавата беше извадена од контекст и погрешно сфатена. Ми е жал што немаше извештаји за работа за да одат во прилог на унапредувањето. Изнесував факти што постојат. Таман работа да е проблем породилното отсуство. Да има деца во оваа држава оти наталитетот ни е во опаѓање. Јас за неа гласав во 2021, рече Јолевски на рочиштето.

И во изјавата после рочиштето на конкретно прашање дали смета дека со спорната изјава не ја дискриминирал, Јолевски пак тврдеше дека конктекстот бил друг.

Но, Ристоска не се откажува за да докаже дека била дискриминирана само затоа што е на породилно отсуство. Бара одговорност за дискирминацијата и смета дека Јолевски сака да избегне одговорност.

-Според мене важно е да постои одговорност за случаи на дискриминација на жени на работно место бидејќи жените не мора да ги загушуваат амбициите заради возраста, ниту пак да бираат дали ќе бидат мајки или ќе имаат успешна кариера. Сметам дека ваквите мислења на Комисијата и одговорот на правосудниот систем се најефикасната алатка за борба на општеството против антидискриминаторските политики, порача таа.

Ристоска тврди дека изјавата за која Јолевски вели дека му е извадена од контекст е во спротивност со материјалните докази што ги има во списите на предметот. Изјавата на Јолевски всушност во Комисијата е предадена во целост, а како материјален доказ освен ова, комисијата има и записник од Коалицијата „Сите за правично судење“ во којшто е нотирани дека нејзиното породилно отсуство било едно од обрзложенијата на дискусијата што ја воделе членовите на Советот.

-Дополнително во однос на извештајите тужителот појасни дека од 2019 година, Советот на јавни обвинители не добива извештаји за работа од обвинителите од поранешното СЈО што не било пречка и не се поставило како прашање во 2021 да бидат избрани обвинители од поранешнпто СЈО во Вишото обвинителатво, рече Ристоска.

Нејзиниот полномошник, Љупчо Ристоски побара Судот да ја одбие тужбата на Јолевски и да го прифати мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

-Целава оваа постапка ќе се избегнеше доколку тужителот само се извинеше на обвинителката. Оваа постапка ја водиме од принципиелни прчини, бидејќи дискриминацијата не смее да биде начин на којшто институциите ги маргинализираат неистомислениците, рече Ристоски.

Претставникот пак од КСЗД стои на ставот дека мислењето не е управен акт и вели дека освен ова постои и граѓанска постапка пред надлежен суд.

Паралелно со оваа постапка против Јолевски е поднесено барање до прекршочниот оддел во Кривичниот суд за да плати глоба затоа што не се извинил.

Спораната изјава беше пренесувана од многу медиуми и гласеше: –Кај Ленче имаме недостаток на работа по различни предмети во овој период. Зборуваме за различни предмети со кои би се сретнала во Вишото јавно обвинителство. Немаме извештај за неа за последните четири години, таа еден период е и на трудничко отсуство. Во Вишото обвинителство се бара работа по сите видови предмети, не само на одредена категорија во одредена област, сепак, СЈО не работеше кривични дела убиства, не работеше со дрога еден куп предмети кои ги работат во основното обвинителство, а ќе треба да одлучува и за тие предмети. не ја елиминиравме…таа во моментов е и на породилно и да изберевме, пак ке биде на породилно, изјавил Јолевски.

Советот на јавни обвинители минатата година по втор пат не ја избра обвинителката Ристоска за обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје и обвинителот, Љубомир Лапе кој последно го отвори случајот „Феникс“ за спорниот проект „Скопје 2014“. Во 2021 година не беше избрана со образложение дека била млада.

Овие одлуки на Советот беа донесени по критиките на Ристоска кон Советот, по што беше воведен Етички кодекс за обвинителите, со којшто беа замолчени, а вториот неизбор следеше откако даде изјава дека членовите на Советот тргуваат со влијание.

Ристоска сега е обвител за врски за „Европравда“ и пред неколку месеци кончено доби канцеларија во Обвинителството.