Заврши мандатот на Тошковски, Буши ја презема функцијата министер за внатрешни работи до избор на нова влада
– Со Министерството за внатрешни работи од денеска ќе раководи Назим Буши, соопштија од МВР.
Досегашниот министер во техничката влада, Панче Тошковски официјално му ја предаде должноста министер за внатрешни работи на Назим Буши, досегашниот заменик министер за внатрешни работи.
– По денешното примопредавање на должноста, согласно законски одредби на Република Северна Македонија, Назим Буши ќе раководи со Министерството за внатрешни работи до почетокот на функционирање на новиот владин состав, поточно до именувањето на новиот министер за внатрешни работи, соопштија од МВР.
Претходно, на фејсбук министерот за внатрешни работи Панче Тошковски напиша дека откако во текот на вчерашниот ден Државната изборна комисија ги објави конечните резултати од Парламентарните избори 2024 година неговиот мандат како министер за внатрешни работи во преодната влада за спроведување на избори на пратеници официјално заврши, а согласно Законот за Влада досегашниот заменик министер за внатрешни работи, Назим Буши ја презема надлежноста.
– Во оваа прилика сакам да истакнам дека изминатиот период беше исполнет со многу предизвици, но заедно со мојот тим покажавме дека со макотрпна работа, професионализам и чесност може да се постигне многу за нашата држава. Успеавме да обезбедиме стабилност и доверба во изборниот процес, односно слободно можам да кажам дека ги организиравме најдемократските избори досега, што впрочем беше и нашата главна цел, напиша Тошковски.
Покрај тоа, додава тој, вложивме напори за подобрување на безбедноста и редот во нашата земја, справувајќи се со повеќе предизвици и ситуации кои бараа брзи и ефикасни реакции. Посочува дека со гордост може да каже дека како тим кој раководеше со Министерството во овие четири месеци, функциониравме, истакнува, транспарентно и одговорно, секогаш со целосна посветеност на потребите на граѓаните и државата.
– Посакувам што поскоро да се формира новата Влада, за да можат државните институции да профункционираат со целосен капацитет. Потребни се итни и темелни реформи кои се неопходни за Македонија што поскоро да се стабилизира и да го продолжи својот раст и развој. Верувам дека со заеднички напори можеме да создадеме подобра и поквалитетна иднина за сите нас, напиша министерот Тошковски.
Тој се заблагодари на неговиот тим кој, како што вели, вложи натчовечки напори во изминатите четири месеци, но и на сите вработени во Министерството за внатрешни работи кои навистина беа на висина на задачата.
– Благодарност и до граѓаните кои во континуитет нѐ поддржуваа и веруваа во нас. Заедно ќе продолжиме да се залагаме за безбедна, стабилна и просперитетна Македонија, напиша тој на фејсбук.