„Како дел од коалицијата `За европска иднина` не можам да кажам колку пратенички мандати ќе се освојат, тоа ќе го кажат на крајот од денот граѓаните. Сметам дека оваа коалиција ќе биде победничката коалиција и дека ќе го заокружи процесот на евроинтеграција до 2030 година, затоа што покажа дека знае како да работи“.
Ова го, вели претседателката на Либералнодемократската партија – Моника Зајкова во интервју за МИА во пресрет на парламентарните избори во земјава.
ЛДП, партијата која деновиве одбележа 27 години од постоењето на политичката сцена, има тројца кандидати за пратеници, а Зајкова која е ко-носителка во Изборната единица 1 заедно со претседателот на СДСМ – Димитар Ковачевски, очекува сите тројца да влезат во законодавниот дом.
Како коалиција јас не можам да кажам колку пратенички мандати ќе се освојат, тоа ќе го кажат на крајот од денот граѓаните. Јас сметам дека оваа коалиција ќе биде победничката коалиција затоа што покажа дека знае како да работи. Да, оној кој работи има и грешки. Меѓутоа, ние тие грешки не ги преќутуваме, ги признаваме и се извинуваме на граѓаните, знаеме каде ни се аномалиите и каде треба да се фокусираме во периодот кој претстои. ЛДП има тројца кандидати. Мене ми е чест што сум ко-носителка заедно во Изборната единица 1 со претседателот на СДСМ – Димитар Ковачевски. Имаме кандидат во Изборната единица 4, тоа е познатиот и ценет доктор кардиохирург Илија Нешковски и генералниот секретар на партијата којшто трча кампања во Изборната единица 5, тоа е Боби Мојсовски. Јас искрено сметам дека ЛДП во овој парламентарен состав ќе има тројца пратеници во однос на досегашните двајца, бидејќи заедно со оваа коалиција се изборивме за многу работи. Покажавме дека можеме да се грижиме за сите, од младите до возрасните, до менаџирање на кризата, до почнување на онаа енергетска транзиција во државата, така што има еден континуитет и пред се борбата за членство во Европската унија – вели Зајкова.
Таа вели дека нема амбиции да стане дел од владиниот кабинет доколку коалицијата победи на изборите, а во однос на тоа колку министерски места очекува, Зајкова нагласува дека е тоа работа за понатамошни преговори и договори помеѓу коалиционите партнери, но уверува дека имаат квалитетни луѓе кои може да се најдат во кој било ресор во Владата.