Зајкова: Уставни измени веднаш, примената да биде регулирана со уставен закон

Конференцијата „Кво Вадис Европа 2024? – Следни чекори во европската интеграција и проширувањето на ЕУ“ која во организација на Либерално демократската партија (ЛДП) вчера и денес се одржуваше во Скопје, испрати порака за итноста од потребата за проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, како витален чекор за стабилноста и безбедноста на континентот.

Претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, која од денес па во наредните четири години ќе биде и претседател на Либералната мрежа на Југоисточна Европа, посочи дека во поглед на закочените евроитеграции на Македонија, ЛДП предлага уставните измени да се случат веднаш, но нивната примена да биде регулирана со уставен закон.

„Она што ние го предлагавме е широка интерпретација на заклучоците на Советот, во кои не стои децидна обврска уставните измени да стапат во сила веднаш. Тоа би значело, во фаза на носењето на уставниот закон, да се стави преодна одредба за негово стапување во сила. Овој предлог е резултат на широки консултации со нашите европски партнери и ги повикувам другите партии да го поддржат ваквото решение. Апелирам и за тоа да направиме Совет во кој, без разлика што имаме различни ставови по однос на секојдневните прашања, ќе имаме координација по однос на позициите на меѓународно ниво“, рече Зајкова.

Таа исто така го поздрави најновиот нон-пејпер подготвен од Словенија и Германија и рече дека тоа е идеја која од порано е предложена од либералите, односно дека меѓудржавните спорови и несогласувања не треба да влијаат на процесот на проширување.