За малку бил избегнат судир на два авиони над Скопје?!

Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) потврди дека постапува по наводите за инцидент на 7 септември, кога два авиона за малку избегнале судир над Скопје.

Според воздухопловните власти, секоја ваква ситуација мора да биде детално истражена. Првично, контролата на летање ја врши М-НАВ, кој има задача да ја пријави ситуацијата. Потоа, АЦВ ја оценува сериозноста на инцидентот и одлучува дали се работи за обичен или сериозен инцидент. Во случај на сериозен инцидент, истрагата ја презема Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.

Македонска навигација (М-НАВ) засега не коментира дали е покрената истрага или какви мерки се преземени.

Според податоците од сајтот за следење летови „Флајтрадар24“, авионите на „Туркиш ерлајнс“ и „Санекспрес“ за малку избегнале судир на 7 септември, околу 18:32 часот, над Меѓународниот аеродром во Скопје. Летот на „Туркиш ерлајнс“ бил од Мадрид за Истанбул, додека авионот на „Санекспрес“ летал кон Лондон.

Флајтрадар24 наведува дека 30 секунди пред да се разминат, двата авиона биле на иста висина од 36.000 стапки. Еден од авионите потоа се кренал на 36.325 стапки, додека другиот се спуштил на 35.475 стапки. Според правилата, авионите треба да одржуваат минимално вертикално растојание од 2.000 стапки.

Сѐ уште не е јасно дали оваа ситуација е предизвикана од инструкции на контролата за летање или е резултат на грешка на пилотот.

Флајтрадар24 е глобална платформа за следење летови која овозможува информации во реално време за илјадници авиони ширум светот.