– Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес телефонски разговараше со генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, за обновување на Договорот за пренос на жито преку Црно Море, еден ден по одлуката на Русија да се повлече од Иницијативата.
Зеленски на Телеграм објави дека тој и Гутереш се согласиле да продолжат да работат со „одговорните земји“ за да се обезбеди глобална безбедност на храна.
„Иницијативата за пренос на жито преку Црно Море мора да се зачува. Се договоривме со г. Гутереш да работиме заедно со одговорните земји за враќање на безбедноста на храната и снабдувањето со храна преку црноморските маршрути“, изјави Зеленски.
Украинскиот лидер претходно рече дека им предложил на Гутереш и на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да го продолжат Договорот за жито, или еквивалентен механизам, во трилатерален формат без учество на Русија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека Договорот за коридорот за жито е запрен.
„Русија веднаш ќе се врати на Договорот за жито штом ќе бидат прифатени релевантните услови. Делот од Договорот во врска со Русија не е исполнет“, рече Песков.
Русија бараше отстранување на пречките за рускиот извоз на ѓубрива, со цел да се согласи на уште едно продолжување на Договорот за жито, вклучително и вклучување на државната Руска земјоделска банка во меѓународниот платен систем СВИФТ.
Турција, ОН, Русија и Украина на 22 јули 2022 година потпишаа Договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море што беа блокирани од војната меѓу Русија и Украина. Оттогаш Договорот неколку пати беше обновен, а на 18 мај беше продолжен за уште два месеца.
Москва ги повлече и безбедносните гаранции за пловидба во северозападниот дел на Црно Море.
Според податоците на ОН, благодарение на овој Договор е обезбеден безбеден премин на повеќе од 32 милиона тони храна од украинските пристаништа.
Светската програма за храна испорача повеќе од 725.000 тони за поддршка на хуманитарни операции, намалувајќи го гладот во некои од најтешко погодените области во светот, вклучително Авганистан, Африкански Рог и Јемен.