По вчерашниот голем руски напад врз Харков, се огласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој рече дека воздушните бомби биле насочени кон цивили и ги нарече нападите тероризам. Според најновите податоци, најмалку три лица се убиени, додека десетици се повредени.
„Ова нема никаква стратешка смисла. Тоа е чист тероризам. И тоа трае повеќе од три години војна од големи размери. Ова не може да се игнорира. Не можеме да затвораме очи пред тоа. И ова не е игра. Секој ден ги губиме нашите луѓе само затоа што Русија чувствува дека останува неказнета. Мора да ја принудиме Русија да склучи мир“, рече Зеленски.
Тој додаде дека нападите не претставуваат одмазда од страна на Русија, туку се насочени кон целосно уништување на животи.
Зеленски нагласи дека не треба да се олабави никаков облик на притисок врз Русија – ниту мерките што веќе се применети, ниту методите на притисок што се подготвуваат.
„Работиме на зголемување на украинската воздушна одбрана. Потребни ни се позитивни сигнали од САД, конкретни сигнали за воздушната одбрана. Сè уште чекаме одговор на понудата за купување системи што можат да помогнат“, рече тој.