Земја во срцето на Европа во еуфорија поради огромните наоѓалишта на ‘бело злато’: “Ова може да не извлече од кризата и сиромаштијата…“
Веднаш до градот Чиновец на германско-чешката граница се наоѓа вистинско богатство. Во близина на тоа место се наоѓаат околу три до пет проценти од светските резерви на литиум – најголемото наоѓалиште во Европа. Чиновец е на околу 100 километри од чешкиот главен град Прага.
Овој многу лесен метал доби значење во последниве години. Литиумот се користи, меѓу другото, во производството на батерии и акумулатори, а енергетската транзиција и електромобилноста во моментов тешко се замислуваат без литиумски батерии. Во меѓувреме цената на таа суровина толку многу порасна поради што Чешка да се збогати енормно многу. Но, ова може да доведе до големи промени, Deutsche Welle (DW).
Имено, според анализите на Чешката стопанска комора, Чешка ги исцрпила сите досегашни извори на економски раст. Затоа, на земјата и се заканува економска стагнација во наредните години. Премиерот Петр Фиала се надева дека експлоатацијата на литиум може да стане нов стимул за чешката економија. Кога на почетокот на септември премиерот ја претстави својата визија за развојот на земјата во следните 30 години, тој наведе шест области во кои Чешка ќе треба стратешки да инвестира во иднина. Тој зборуваше и за литиумот и инвестирањето во негова експлоатација, што изненади многумина.
„Литиумот е клучна суровина за електромобилност, особено за складирање на електрична енергија. Затоа работиме што поскоро да почнеме со експлоатација, идеално во 2026 година“, изјави Петр Фиала.
Чиновец се наоѓа во средината на рударскиот регион. Таму се ископувале руди уште во XIII век, а волфрам и калај од 1940-тите години наваму. Тогаш првите истражувања покажале дека таму има значителни резерви на литиум, како и од другата страна на германско-чешката граница, каде што се наоѓа помал дел од резервите. Чешка веќе потпиша договор со сојузната покраина Саксонија за можна соработка во експлоатација на литиум. Од чешка страна, чешката енергетска компанија ČEZ треба да биде одговорна за експлоатација на литиум.
Сегашната студија покажува дека во Чиновец годишно може да се експлоатираат 2,25 милиони тони руда, што би овозможило производство на речиси 30.000 тони литиум хидроксид. Според сегашните проценки, количината на ископана руда веројатно би била доволна за производство на речиси милион литиумски батерии за автомобили секоја година.
Според говорот на премиерот, Чешка би сакала да произведува свои батерии
„Можеме да го покриеме целиот синџир, од рударство, преработка, производство на батерии, производство на чипови до финално производство на автомобили“, вели Петр Фиала, кој се надева дека експлоатацијата на литиум може да стане економски мотор за целиот регион.
Регионот Устецки Крај во северозападниот дел на земјата е меѓу најсиромашните во Чешка. Илјадници луѓе работат во областа за ископување лигнит. Крајот на експлоатацијата се наѕира уште од деведесеттите години на минатиот век и остави структурни проблеми.
Се проценува дека во текот на 25-годишниот период на ископување литиум, илјадници рудари би можеле да бидат вработени. Изградбата на гига-фабрика за производство на батерии за електрични автомобили би обезбедила работа и пари за регионот. Чешката електроенергетска компанија наведува дека експлоатацијата би можела да започне за четири години.
Регионот Устецки Крај ја поддржува експлоатацијата на литиумот, под услов тоа да се врши на најеколошки можен начин.
„Можноста за експлоатација на литиум ја гледам како шанса“, вели Јан Шилер, началник на округот и член на опозициската партија АНО.
Регионот ќе добие пари од Европската унија од Фондот за праведна транзиција, за финансирање на прекинот на ископувањето јаглен и промените во структурата на локалната економија. Дел од овие пари треба да се насочат кон развој на проектот за експлоатација на литиум. Сепак, дел од експертите предупредуваат дека регионот, по експлоатацијата, не треба едноставно да премине на следната рударска дејност. Наместо тоа, тие препорачуваат парите да се вложат во образованието и општо преструктуирање на економијата во регионот.
Според енергетската компанија ČEZ, преговорите за почеток на експлоатација на литиум се планира да започнат кон крајот на оваа година. Сепак, се чини дека компанијата не се сомнева во исходот од постапката: веќе го купила земјиштето на кое ќе се наоѓа фабриката за преработка на литиум, за милијарда чешки круни (околу 40,8 милиони евра), пишува DW.