Зоран Николовски со порака до СДСМ и Поинаку: Доста е со старата политика, Битола заслужува нов почеток

Независниот кандидат за градоначалник на Битола, Зоран Николовски, поддржан од Левица, ја претстави својата визија за развој и унапредување на градот. Тој посочи дека неговата цел е Битола да функционира ефикасно, со уредена инфраструктура, осветлени улици и булевари, детски игралишта, паркови и спортски објекти, како и со посветеност кон лицата со попреченост.

„Битола не е главен град на Македонија, но е главен град на сите градови во Македонија. Сега е време да ја заприме регресивната и деструктивна практика на минатото и Битола да оди само напред“, изјави Николовски, упатувајќи порака до СДСМ и КУД „Поинаку“.

Кандидатот истакна дека неговата визија е да направи град кој е хортикултурно уреден, еколошки чист, со инфраструктурни проекти и урбанистички решенија на ниво на светски метрополи. Николовски нагласи дека Битола заслужува иднина која ќе и го врати сјајот и ќе ги обнови надежта и насмевките кај граѓаните.

„Ова не е само моја кампања, туку наша заедничка битка за најубавиот град – Битола. Промените во локалната самоуправа ќе започнат со првиот глас – со твојот глас. Време е за АРХИТЕКТ“, заклучи Николовски.