Израелската армија тврди дека презела контрола над палестинската страна на преминот Рафа

– Израелската армија денес објави дека нејзините сили ја презеле контролата над палестинската страна на граничниот премин Рафа со Египет, на јужниот дел од Појасот Газа.

Израелската армија соопшти дека нејзината 401. оклопна бригада ја презела „оперативната контрола“ над преминот Рафа од палестинската страна.

Во соопштението се додава дека израелските сили спроведуваат „операција на расчистување“ во подрачјата на источна Рафа што ги зазеле и се вели дека убиле 20 палестински вооружени напаѓачи.

Портпаролот на палестинските гранични премини претходно потврди дека границата е затворена од палестинската страна.

Видеоснимката што ја споделија израелските медиуми покажува израелски тенк на преминот Рафа.

По најавата на палестинската група Хамас за прифаќање на катарско-египетскиот предлог за прекин на огнот во Газа, израелскиот воен кабинет одлучи да ја продолжи операцијата во Рафа со цел, како што наведе, „воен притисок врз Хамас за да напредуваат во ослободувањето на заложниците и другите воени цели“.

Израелската армија издаде итна наредба за евакуација на Палестинците во источните населби на Рафа и ги повика да се преселат во градот Ал-Маваси во јужниот дел на Газа.

Рафа е дом на повеќе од 1,5 милион раселени Палестинци кои избегаа од војната што Израел ја започна по нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа речиси 1.200 луѓе.

Оттогаш во израелските напади загинаа повеќе од 34.700 Палестинци, главно жени и деца, а предизвикана е и голема хуманитарна катастрофа.

Речиси седум месеци по почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на енклавата се внатрешно раселени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.