– Најмалку 22 Палестинци се убиени, а десетици се повредени во новите израелски напади низ Појасот Газа денес, додека армијата продолжува да урива домови во градот Газа, според медицински лица и сведоци.
Медицински извори за Анадолу изјавија дека четири лица се убиени и има повредени во израелскиот воздушен напад врз висока зграда во центарот на Газа. Неколку лица се заробени под урнатините, изјавија очевидци.
Во западниот дел на градот се убиени петмина Палестинци и има повредени во израелскиот напад врз куќа во бегалскиот камп Шати.
Уште девет лица ги загубија животите во неколку израелски напади насочени кон различни делови на градот Газа.
Голем број цивили се повредени, а има и лица што сè уште се водат како исчезнати под урнатините при друг воздушен напад врз куќа во истата област.
Во јужниот дел на Газа армијата продолжи да бомбардира згради и објекти преку детонирање на возила со експлозивни направи во населбите Тел Хава и Сабра.
Во централниот дел на Газа израелската армија гаѓаше шатор во кој се засолниле раселени Палестинци во Зувејда, при што се убиени две лица, а има и повредени.
Израелската артилерија ги гранатираше источните делови на кампот Ал-Магази во централниот дел на Појасот Газа и централниот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Двајца рибари ги загубија животите во израелски оган покрај брегот на Кан Јунис.
Во меѓувреме, израелските воени сили го зајакнаа своето присуство во неколку населби на градот Газа, а армијата распореди уште една оклопна дивизија во градот Газа, изјавија очевидци.
Претходно овој месец Израел ја започна операцијата „Гидеонови кочии 2“, со цел целосна окупација на градот Газа. Речиси еден милион Палестинци, од кои повеќето се раселени од други делови на енклавата, остануваат заробени под немилосрдното бомбардирање.
Од октомври 2023 година израелската армија уби над 65.300 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, во Газа. Немилосрдното бомбардирање ја направи енклавата несоодветна за живеење и доведе до глад и ширење на болести.