Израелците создадоа морничава веб-страница со досега невидени снимки од нападот на Хамас: “Знаеме дека ова е тешко за гледање, но…“

Од бруталниот напад на Хамас врз Израел на 7. октомври и масакрот и киднапирањето на цивили, создадени се неколку веб-страници со намера да се соберат информации и да се едуцира глобалното население за деталите за нападот. 

Сега, Израел сподели страница со десетици грозоморни и шокантни фотографии и видеа од масакрот извршен од Хамас на својот официјален профил на социјалната мрежа Х (Твитер). Како што објави The Jerusalem Post, се чини дека веб-страницата се уште е во изградба, но може да се користи.

Станува збор за веб-страницата www.hamas-massacre.net. Ве предупредуваме дека содржината на страницата е ЕКСТРЕМНО ВОЗНЕМИРУВАЧКА!

Знаеме дека е тешко за гледање, но уште потешко за жртвите и семејствата на овие грозоморни злосторства“, напишаа, меѓу другото, на официјалниот профил на Државата Израел.

Корисниците на веб-страницата можат да видат сведоштва објавени на социјалните мрежи, кои го покажуваат масакрот за време на нападот врз учесниците на фестивалот „Нова“ и нападот од Појасот Газа. Има и видео-снимки од израелци однесени во Појасот Газа како заложници и снимки од ракетни напади од Појасот Газа врз цивилни цели.

Друга страница, www.october7.org, се фокусира на извештаи од прва рака на преживеаните. Целта е да се прикаже сведочењето и, како што се наведува, непоколебливиот дух на преживеаните кои беа сведоци на ужасите на 7. октомври.

Веб-страницата содржи 118 приказни за кои креаторите велат дека се „автентични и неуредени“. Тие се на англиски, а некои се преведени на шпански и француски. Приказните, според истакнатото предупредување на страницата, опишуваат воени злосторства кои вклучуваат насилство, силување и бруталност.

Исто така постои и интерактивна веб-страница www.oct7map.com каде што корисниците можат да видат визуелен приказ на секој убиен и киднапиран од 7. октомври, заедно со објаснување за настаните од тој ден. Според самата веб-страница, посетителите се охрабруваат да ја користат за посетување на различни локации, слушање факти и сведоци на ужаси.

Корисниците можат да се движат низ различни делови од интерактивната мапа. Во секоја фаза, страницата зумира на соодветна локација на мапата означена со црвени точки што укажуваат на убиства. Некои се означени со црни точки што укажуваат на киднапирани лица, додека сиви точки укажуваат на исчезнати или повредени лица. Секоја точка има име до себе. На страна има и кратко објаснување за секој настан и вкупниот број на убиени, киднапирани, исчезнати и повредени.

Сите овие страници секојдневно се ажурираат со нови информации, бидејќи повеќе луѓе доаѓаат со сведоштва и нови информации за тоа каде се исчезнати лица.