– Израел денес изврши напад врз училиште на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) во бегалскиот камп Ал Магази во централниот дел на Појасот Газа.
Училиштето е оштетено. Има и мртви меѓу илјадниците раселени Палестинци кои беа засолнети во училиштето.
– Израелските напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 7:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември, по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа, на 7 октомври, досега се убиени најмалку 20.915 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 54.500 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Од убиените речиси 9.000 се деца, a над 6.200 се жени, при што околу 2 милиони луѓе се раселени во густо населената палестинска енклава поради недостатокот на храна и чиста вода.
Во заробеништво сѐ уште се наоѓаат 130 Израелци. Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.