Израел ослободи 33 Палестинци кои ги приведе за време на нападите врз Газа

Израелската Армија ослободи 33 Палестинци кои ги приведе за време на копнените напади врз Појасот Газа.

Палестинците кои се ослободени на подрачјето источно од Деир ал Белах пристигнаа во болницата Ал-Акса во Газа. Извори од болницата за Анадолу рекоа дека ослободените Палестинци биле во многу тешка состојба и дека на нивните тела биле видливи траги на насилство.

Израелската Армија претходно ослободи некои Палестинци приведени во Газа. Ослободените Палестинци рекоа дека за време на нивниот притвор биле подложени на тепање, тортура, навреди и понижување од страна на израелските војници.

Израелската Армија приведе илјадници Палестинци во Газа, меѓу кои и деца, жени, новинари и здравствени работници, додека некои од нив се ослободени, а судбината на другите е непозната.

Прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.

Во израелските напади врз Појасот Газа од октомври минатата година се убиени 37.396 Палестинци, главно жени и деца.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште од војната.