Илјадници луѓе демонстрираат во Берлин против антисемитизмот

Неколку илјади луѓе денеска демонстрираа во Берлин против антисемитизмот, по големиот пораст на антиеврејските инциденти по нападот на Хамас врз Израел и вооружениот одговор на земјата пред два месеци.

Полицијата процени дека околу 3.200 луѓе се собрале на дождот во главниот град на Германија и марширале до Бранденбуршката порта, додека организаторите ја проценуваат бројката на 10 илјади, објави германската новинска агенција ДПА.

Организацијата која го следи антисемитизмот во Германија на крајот на ноември објави дека забележала голем скок на антисемитските напади во месецот по почетокот на војната во Газа, вкупно 994, што е зголемување за 220 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Главниот германски еврејски водач Џозеф Шустер повика на солидарност со Израел и со Евреите во Германија.

Германскиот министер за труд Хубертус Хајл рече дека многу пристојни луѓе се премногу тивки по ова прашање.

-Не ни треба учтиво, тивко мнозинство, ни треба јасно и гласно мнозинство што ќе застане сега, а не подоцна, рече тој.