ИНДИЈА НА ЧЕКОР ДО ИСПИШУВАЊЕ ИСТОРИЈА – Индијците во транс го чекаат слетувањето на Месечината: Медиумите го одбројуваат времето, а во храмовите луѓето се собираат на молитвата за успех на мисијата

Индија ќе го направи својот втор обид да слета на Месечината во среда, мисија која се смета за клучна за истражувањето на Месечината и статусот на земјата како вселенска сила, само неколку дена по падот и дебакалот на сличен руски вселенски брод.

Вселенското летало Чандрајаан-3 (Chandrayaan-3) на индиската организација за вселенски истражувања (ИСРО) ќе се обиде да слета на јужниот пол на Месечината околу 18:04 часот по локално време (14:34 часот по средноевропско време) во среда, помалку од една недела откако руската мисија Луна-25 не успеа.

Индиската мисија – Чандрајаан-3 значи „месечево возило“ на хинди и санскрит, а ова воедно е и втор ваков индиски обид за слетување на Месечината.

Во 2019 година, мисијата Чандрајаан-2 на ИСРО успешно го распореди орбитерот, но неговиот лендер се урна и не успеа во целта.

Слетувањето на јужниот пол на Месечината всушност ќе и овозможи на Индија да истражи дали има воден мраз на Месечината. Ова е многу важно за кумулативните податоци и науката за геологијата на Месечината“, вели Карла Филотико, партнер и управен директор на консултантска фирма SpaceTec Partners.

Индиската јавност трескавично го очекува слетувањето, а медиумите го одбројуваат времето до слетувањето.

Тамошните медиуми објавија дека се одржуваат молитви во храмовите, џамиите и црквите во земјата, при што учениците мавтаат со индиската тробојка додека чекаат проекции во живо од слетувањето.

Премиерот Нарендра Моди ќе го набљудува слетувањето од Јужна Африка, каде што присуствува на тековниот Самит на БРИКС, објавија медиумите.

Нерамниот терен го отежнува слетувањето на јужниот пол на Месечината, а првото слетување би било историско.

Водениот мраз во регионот може да обезбеди гориво, кислород и вода за пиење за идните мисии.

За Индија, успешно слетување на Месечината ќе го означи нејзиниот подем како вселенска сила, бидејќи Владата на премиерот Нарендра Моди се обидува да ги зголеми инвестициите во приватни вселенски лансирања и сродни потфати.