И онлајн насилството остава лузни – кампања на УНДП против сексуално насилство на интернет

Сексуалното вознемирување и следење на интернет и јавното споделување интимни содржини без дозвола се најбрзо растечки форми на родово-базирано насилство. Повеќе од 60 отсто од жените во земјава барем еднаш се соочиле со онлајн насилство, додека една од десет жени е жртва на злоупотреби на интернет секој ден. Со цел да се подигне свеста за присутноста на овој проблем, но и да се зголеми степенот на едукација за тоа како да се препознае и да се пријави сексуалното насилство на интернет, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) започнува кампања „И онлајн насилството остава лузни“.

Кампањата главно ќе се одвива на социјалните мрежи и ќе се обрати на младите, со посебно внимание кон жените и тинејџерките, затоа што сите истражувања и податоци укажуваат дека припадничките на оваа возрасна група се најчести жртви во случаите на технолошки овозможено родово-базирано насилство или онјлан насилство.

„Родово-базираното насилството на Интернет не е виртуелно. Последиците од него се реалност со која се соочуваат многу млади, а особено девојки и жени. Иако, често пати, е невидливо за останатите, остава длабоки лузни кај жртвите. Време е да го препознаеме овој проблем и да почнеме да се справуваме со него затоа што безбедноста на интернет е право, а не привилегија. Интернетот треба да биде сигурен простор за сите без разлика на нивниот род, возраст, место на живеење или степен на образование“, вели Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП.