Министерството за надворешни работи на Македонија соопшти дека Казахстан до крајот на 2023 година ќе ја отвори најавената Амбасада во Скопје.
Според соопштението на МНР на Македонија, ова било потврдено на разговорите што министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, ги имал со претседателот на Казахстан, Касум-Жомарт Токајев, и со министерот за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу, во Астана.
„Оваа одлука на казахстанската Влада покажува дека Казахстан ја смета Македонија како партнер од доверба во овој дел од Европа и е реализирање на конкретната заложба од декларацијата која министрите за надворешни работи на двете земји ја потпишаа минатата година“, се вели во соопштението.
„Казахстан важи за двигател на економијата во Централна Азија и отворањето Амбасада во Скопје ќе придонесе кон продлабочување на пријателските односи меѓу двете земји, развој на економската соработка и унапредување на договорната рамка. Воедно, ова би била прва резидентна амбасада од земја од Централна Азија во Македонија“, се додава во ова соопштение.