Гренланд му дозволи на данско-француски конзорциум да ископува карпи кои се неопходни за производство на алуминиум.
Лиценцата доделена на „Гренланд Анортозит Мајнинг“ (ГАМ) за ископување анортозит следува по интересот на американскиот претседател Доналд Трамп за стекнување на автономниот остров кој е дел од Кралството Данска.
GAM, која е поддржана од француската компанија Jean Boulle Group и компанија за инвестиции во недвижности од Данска и Гренланд, ја доби 30-годишната лиценца, објави Ројтерс.
Јеспер Вилаинг Цојтен, вонреден професор на Универзитетот Алборг во Данска, за „Њузвик“ изјави дека интересот на Трамп за ресурсите на Гренланд веројатно е повеќе фокусиран на обезбедување долгорочни инвестициски капацитети, што е тешко според сегашното законодавство на Гренланд.
Да потсетиме дека Гренланд привлече меѓународно внимание откако претседателот Трамп изрази интерес за стекнување на арктичкиот остров богат со минерали, нафта и природен гас.
Министерката за минерални ресурси на Гренланд, Наја Натаниелсен, изјави дека американскиот интерес за островот не резултирал со никакви инвестиции и дека договорот сигнализира дека деловниот дијалог со европските партнери напредува побрзо.