КАКО ВО ХОРОР ФИЛМОВИТЕ – Медицинско лице од Германија осуден на доживотен затвор: Убивал пациенти за да може да има мир и да игра видео игри !?
Регионалниот суд во Минхен во понеделникот осуди на доживотен затвор 27-годишен медицински техничар поради убиство на двајца пациенти и обид за убиство на уште шестмина, објави медиумската агенција dpa.
Судот го обвинува здравствениот работник дека во 2020 година дал седативи на пациенти, што во два случаи довело до смрт, кај пациенти на возраст од 80 и 89 години.
„Ваша задача беше да помогнете во лекувањето, а вие го направивте токму спротивното“, изјавил претседателот на судскиот совет, Норберт Ридман, објаснувајќи му ја пресудата на медицинскиот техничар. Во шест други случаи, пациентите преживеале. Како мотив за убиствата медицинскиот техничар изјавил дека – „сакал да има мир да спие и да игра игри на својот мобилен телефон“. За време на судењето тој кажал дека – „ќе продолжел со истата пракса доколку не бил откриен“.
Во пресудата, судскиот совет ја наведе посебната тежина на вината, што го исклучува предвременото ослободување додека отслужува доживотна затворска казна, која во Германија е 15 години. Судот го одбил барањето на адвокатот по издржувањето на казната врз обвинетиот да се спроведат посебни заштитни мерки за да се спречат натамошни кривични дела, но му изрекол доживотна забрана за работа во медицински установи.