– Општина Пустец ќе добие Македонски културен центар(МКЦ) со седиште во село Шулин, вети Панди Јани, кандидат за градоначалник на оваа општина.
– Се прашувате зошто токму во Шулин? Затоа што Шулин е срцето на општината. Во овој МКЦ ќе бидат реализирани многу проекти од областа на културата и ќе претставува мало катче, каде младите од цела општина и пошироко ќе имаат можност да дознаат повеќе за македонското минато, култура и многу други нешта од македонската историја, стои во објавата на Фејсбук.
Според него селото Туминец ќе биде првото село од каде ќе започне со уредување на јавните плажи.
– Во 30 години плурализам, во село Туминец камен не е поместен, а гласачите цело ова време се искористени и манипулирани само за избори. Почнувајќи токму од таа причина, веднаш после стапување на функција ќе се заложам за уредување на плажата покрај селото, најпрвин чистење од камења и карпи, па потоа уредување со сезонски реквизити, најави тој доколку жителите му ја дадат довербата.
Туминец е второ по големина село во општината, затоа ” заслужува промени“.
– Верувам и цврсто сум убеден во моите идеи за подобар живот. Драги пријатели од Туминец и сите сограѓани време е за промени. Заедно одиме на победа и кон конечно уредување на јавниот простор. Во мојата програма има проекти за сите села во Преспа, а во наредниот период ќе бидат објавени сите приоритетни активности за сите нив, порачува Јани.
Локалните избори во Албанија ќе се одржат на 14 идниот месец а во трката за градоначалник со Панди е актуелниот градоначалник Пали Колефски.