Кардиолозите открија точно колку минути треба да пешачиме дневно за да го подобриме нашето здравје

Кога одлучуваме да направиме промена во животниот стил, честопати си поставуваме големи цели – одење во теретана секој ден, целосно избегнување на шеќер, медитација наутро итн. Сепак, понекогаш малите навики се најважни за здравјето на срцето. Еден од наједноставните начини за одржување на кардиоваскуларното здравје е секојдневно да се шетаме.

„Физичката активност – дури и само одењето – е едно од најдобрите нешта што можете да ги направите за здравјето на вашето срце“, вели кардиологот д-р Мајкл Фату за Parade.

Tој додава дека вежбањето помага во намалување на крвниот притисок, регулирање на тежината, подобрување на чувствителноста на инсулин и намалување на воспалението. „Луѓето кои остануваат активни живеат подолго и имаат помал ризик од срцев удар“, вели тој.

Според Американската асоцијација за срце, идеално е да се практикуваат најмалку 150 минути умерена активност неделно, што вклучува и одење. Ако тоа го поделиме на секој ден, тоа се само 21 минута на ден.

„Навистина не звучи толку страшно кога ќе го погледнете од таа перспектива“, истакнува кардиологот д-р Мајкл Бери.

Тој советува почетниците да започнат со две сесии од по десет минути дневно и постепено да го зголемуваат времетраењето.

Д-р Фату често им препишува одење на своите пациенти – особено на оние кои вообичаено не вежбаат многу. Тој препорачува да се започне со 20 до 30 минути четири пати неделно, додавајќи дополнителни чекори како што е искачување по скали наместо лифт.

„Прошетката е лесен прв чекор кон поактивен начин на живот“, вели тој. Двајцата експерти истакнуваат дека дури и малите промени можат да доведат до подобро расположение, повеќе енергија, подобар сон и долгорочно намалување на крвниот притисок, шеќерот и холестеролот.