Кина официјално потврди: “Претседателот Си Џинпинг нема да присуствува на самитот на Г-20, делегацијата во Њу Делхи ќе ја предводи премиерот Ли Кианг“

Премиерот на Кина, Ли Кианг, ќе ја предводи кинеската делегација на лидерскиот Самит на Г-20 во Њу Делхи, Индија, овој викенд, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на Кина.

Кина се надева дека Самитот може да го консолидира консензусот и да го промовира развојот“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Мао Нинг на прес-конференција со новинарите, пренесува медиумската агенција Reuters.

Мао Нинг ги избегна прашањата од новинарите за причината за отсуството на Си Џинпинг – што ќе биде првпат кинески висок лидер да го пропушти самитот на Г-20.

Г-20 е главниот форум за меѓународна економска соработка, а Кина секогаш придавала големо значење на релевантните активности и активно учествувала во нив“, вели Мао Нинг, без да се осврне на суштината на прашањето.

Дури и за време на пандемијата со вирусот Ковид-19, Си Џинпинг присуствуваше на состаноците во 2020 и 2021 година преку видео врска.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, кој се соочува со меѓународна потерница за наводни воени злосторства во Украина, исто така ќе го прескокне Самитот. Наместо тоа, Русија ќе ја претставува нејзиниот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека е разочаран што неговиот кинески колега нема да присуствува на претстојниот Самит на Г-20, пренесе BBC.

Разочаран сум… но ќе го видам“, ​​им рекол Џо Бајден на новинарите во неделата, но не прецизирал кога би можел да се одржи таа средба.