Кина, Русија и Иран бараат прекин на санкциите на САД за Техеран: Состанок за нуклеарната програма по писмото на Трамп до Ајатолахот (фото)
Претставниците на Кина, Русија и Иран повикаа денеска на прекин на американските санкции кон Иран поради неговата нуклеарна програма што брзо се развива и се заложија за продолжување на меѓународните преговори за неа.
Разговорите меѓу претставниците на трите земји се последен обид за покренување на ова прашање и по писмото испратено од американскиот претседател Доналд Трамп до Али Хамнеи, врховниот лидер на Иран.
Писмото на Трамп до иранскиот лидер, чиј текст не е објавен во јавноста, беше понудено во исто време кога американскиот претседател воведе нови санкции кон Иран како дел од кампањата за „максимален притисок“ врз земјата, истовремено нагласувајќи дека тој сè уште верува дека може да се постигне нов договор.
Претставниците на трите земји кои се состанаа утринава ја истакнаа потребата да се прекинат „незаконските еднострани санкции“, рече кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ма Жаосу, читајќи од заедничката изјава. Тој беше придружуван од замениците министри за надворешни работи на Русија и Иран, Сергеј Рјабков и Казем Гарибабади.
„Трите земји повторија дека политичкиот и дипломатскиот ангажман и дијалогот заснован на принципот на взаемно почитување остануваат единствената остварлива и практична опција за ова прашање“, рече Ма.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји подоцна се сретна со ирански и руски претставници.
Големите сили се надеваат дека ќе го оживеат меѓународниот нуклеарен договор со Иран од 2015 година.
Трамп ги повлече САД од договорот во 2018 година за време на неговиот прв претседателски мандат, а откако се врати во Белата куќа во јануари оваа година, изјави дека е отворен за дијалог со Техеран.
Сепак, тој истовремено ги зајакнува санкциите против Иран, а неговата продолжена рака се гледа со сомнеж од лидерите на таа земја.
Западните земји со децении се сомневаат дека Иран сака да развие нуклеарно оружје, што Иран жестоко го негира, нагласувајќи дека неговата нуклеарна програма е за цивилни цели, поточно за енергија.
Во 2015 година, Иран склучи договор со постојаните членки на Советот за безбедност (Кина, Русија, САД, Франција, ОК) плус Германија, според кој неговата нуклеарна програма беше ограничена во замена за олеснување на санкциите против Иран.
Но, во 2018 година, Доналд Трамп ја повлече својата земја од договорот откако Иран постепено престана да се придржува кон обврските за нуклеарната програма според договорот.
Кина и Русија имаат особено блиски односи со Иран преку енергетски зделки, а Иран и дал на Русија борбени беспилотни летала за нејзината војна во Украина, пишува агенцијата АП.
Тие, исто така, веруваат дека споделуваат заеднички интерес за намалување на улогата на САД и другите либерални демократии во одредувањето на светските настани во корист на нивните високо авторитарни системи, додава АП.
Иран инсистира на тоа дека неговата нуклеарна програма е за мирољубиви цели. Сепак, иранските власти се повеќе се закануваат дека ќе се обидат да развијат нуклеарно оружје. Иран сега збогатува ураниум до ниво на оружје од 60 проценти.