– Маж е обвинет за повеќекратни обиди за упад во домот на Кијану Ривс. Полицискиот оддел во Лос Анџелес има тековна кривична истрага против натрапникот, а полицијата му препорачала на Ривс да побара забрана за доближување, според судските записи.
Брајан Кит Диксон (38), според наводите, се обидел да навлезе во имотот на актерот најмалку шест пати во времето од ноември до јануари. Ривс нагласи дека претрпел емоционална вознемиреност поради тормозењето и следењето, според барањето за привремена забрана поднесена во вторникот во Врховниот суд на Округот Лос Анџелес.
За време на една „посета“, овој непоканет гостин заспал во неговиот двор. Следниот ден се вратил, повторно се обидел да упадне во домот на Ривс, па притоа оставил и ранец со комплет за тестирање ДНК, вознемирувачка белешка упатена до Ривс и фотографии.
Според истрагата, Диксон имал намера да го употреби комплетот за да покаже дека со глумецот се роднински поврзани.
Адвокатот на Ривс, Метју Розенгарт, поднел барање за забрана за доближување против Диксон, кој, се чини, нема постојана адреса на живеење. Според наводите, натрапникот има заблудна опсесија со Ривс и криминална историја на Роуд Ајленд, со обвиненија за поседување алатки за кражба, вандализам и неуредно однесување.