Ковачевски го поздрави извинувањето на Бектеши, кога ќе ги добие сите информации ќе одговори дали е прекршен Етичкиот кодекс
– Премиерот Димитар Ковачевски не ја гледал вчерашната прес-конференција на министерот за економија Крешник Бектеши зашто бил работно зафатен, но утрово го прочитал неговото извинување кон медиумите и тоа го поздрави.
Смета дека е потребно извинување ако имало недоразбирање или збор што од некого е разбран во негативна конотација и дека и самиот, рече, истото го направил кога бил разбран погрешно од некого или кога тоа што го кажал предизвикало негативно чувство, посебно кај медиумите.
-Утрово ја прочитав неговата реакција за извинување, и тоа конкретно, со име и презиме се извини, и сметам дека тоа е начин на којшто ако некој смета дека погрешил, доколку тој увидел дека неговиот искажан збор повредил некого, треба да се извини и добро е што се извинил, рече Ковачевски во врска со забелешките на Бектеши кон новинари на телевизиите Канал5 и Телма за нивните поставени прашања на прес-конференција.
На прашањето дали ќе преземе мерки кон министерот зашто го прекршил Етичкиот кодекс на Владата, што тој како нејзин претседател го има потпишано, Ковачевски рече дека го почитува Кодексот, ќе се потруди да ја погледне снимката за која Бектеши се извинил и дека штом ќе консултира правник и ќе ги добие сите информации, ќе одговори на ова прашање.