Ковачевски: Можам само да ја потврдам изјава на О’Брајан за Мицкоски

Нема да ја коментирам изјавата на О Брајан, ќе ја потврдам, кога некој ви нуди нешто што не сте виделе и врз основа на тоа сака да го добие вашето внимание и вашиот глас, тогаш тоа е една голема лага, рече премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање денеска при работната посетата на Македонски Брод.

-Нивната теза е дека тие ќе понуделе друга алтернатива, а таа алтернатива никој не ја видел. И од тој аспект кога некој ви нуди нешто што не сте виделе и врз основа на тоа сака да го добие вашето внимание и вашиот глас, тогаш тоа е една голема лага. Затоа сметам дека она што го имаме од страна на Влада, коалиционите партнери, ЕУ е практично начинот на кој Северна Македонија ќе продолжи кон ЕУ интеграциите и до 2030. Со оваа Влада после нашата победа на претседателски и парламентарните избори до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ, рече Ковачевски.

Ковачевски, како што соопшти прес-службата на СДСМ, потенцираше дека опозицијата единствено сака да ја врати државата назад во изолација, додавајќи дека во земјата има проевропски и антиевропски блок. 

-Во нашата држава има два блока, тоа сум го кажал скоро пред година и половина, едниот кој е за европски интеграции на државата и вториот којшто е за изолација на државата.  Ние успеавме да станеме земја членка на НАТО. Успеавме да ги отвориме преговорите со ЕУ. Тие преговори се отворени низ преговори со француското претседателство, преговори со Бугарија и се разбира низ преговарачка рамка усвоена од сите 27 земји членки на ЕУ, во кои се наведени сите наши барања во однос на заштита на македонскиот јазик. Денес законодавство на ЕУ се преведува на македонски јазик, договорот ФРОНТЕКС е потпишан на македонски јазик. Македонскиот идентитет и култура се потврдени на европско ниво, па и дополнително со резолуции од страна на најголемите земји членки на ЕУ. Од друга страна ние имаме обврска за внесување во преамбулата од уставот на други делови од народи, со што за прв пат ќе имаме јасно разграничување на македонскиот и бугарскиот народ што е исто така една голема придобивка за нас. Меѓутоа очигледно ова прашање опозицијата сака да го користи единствено за лични политички цели и да не врати назад таму каде што бевме 11 години, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.