Ковачевски: На лидерската средба слушнавме дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени (ДПЛ)

 Ваков демократски дијалог треба да има на сите нивоа. Добро е што ставот изутрината искажан од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски практично е променет и различен од ова што го слушнав на денешната средба, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата, тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба, изјави премиерот Димитар Ковачевски по лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

Ковачевски вели дека ваквите одлуки се одлуки на сите политички партии, на целото општество, бидејќи, како што рече, ова не е процес на еден човек и една политичка партија, на една Влада, туку процес во кој треба да учествуваат сите за подобра и попросперитетна иднина.

– Се прави јасна дистинкција за тоа дали ќе ја интегрираме државата во ЕУ или ќе ја оставиме изолирана, што сметам дека е добро дијалогот што се води да продолжи и на крајот да изградиме заеднички став дека за државата е најдобро да биде интегрирана во ЕУ. Моја цел и заложба на Владата е овој процес на евроинтеграции да биде успешен, затоа што предвид ги имаме стратешките цели на државата. Ова е веќе стратешка цел и на нашите земји партнери како во ЕУ и НАТО, така и на САД. Сите недвосмислено кажаа дека сега е моментот за проширување на ЕУ и за влез на државите од Западен Балкан, пред се Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, рече Ковачевски.

Според него, уставните измени, односно вклучување на други делови на народи во Преамбулата на Уставот се чекор напред на овој европски пат. 

На средбата, како што појасни, премиерот предложил да го направат следниот чекор заедно и заедно да ги изгласаат уставните измени бидејќи, како што кажа, тоа е вистинското решение што граѓаните го очекуваат од нив.

– Дадов предлог до Мицкоски доколку се сложат заеднички и консензуално да пристапиме кон остварувањето на оваа стратешка цел и сите заедно да ги гласаме уставните измени. Доколку сите заедно ги изгласаме, тогаш предложив дека веднаш после гласањето може да одиме на избори и тоа е став кој го имам кажано јавно пред неколку месеци. Во текот на изминатиот период сфатив дека за нив е важно да бидат дел од власта и за да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и дека не сме водени од свој партиски интерес и дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив заеднички да го изгласаме отворањето на Уставот со две третини и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.

На тој начин, според него, ќе обезбедат влада која обединува и која ги обединува сите политички партии кои се за евроинтеграција.

– На тој начин таа влада во која ќе бидат сите партии кои се за евроинтеграции ќе го спроведе процесот на уставни измени, ќе го заврши скрининг процесот кој е во тек, ќе го затвори процесот на уставните измени и ќе ги отвори поглавјата како втора фаза од преговарачкиот процес и дури може и да затвори едно или две од поглавјата кои се дел од вториот кластер и истата таа влада, ќе може да ги организира и следните избори. На тоа додадов дополнително дека за да обезбедиме, иако тоа е веќе обезбедено во преговарачката рамка со сигурност, но тоа стои во преговарачката рамка, уставните измени кои ќе се донесат во своите завршни и преодни одредби да имаат одредба со која важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција која е и закажана без никакво одлагање, посочи Ковачевски.

Се друго вон тоа, додаде, е разговор надвор од преговарачката рамка, бидејќи таа е донесена од страна на сите 27 земји членки на ЕУ.

Ковачевски нагласи дека Владата е подготвена да се изнајдеме решение кое што ќе донесе обединување и победа за македонските граѓани и македонската држава. 

– Јас кажав и пак ќе кажам, за мене ова не е борба за власт. За мене ова е борба за иднината на државата. Од тоа нема да отстапам и повторувам уште еднаш ме радува фактот што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претставник на ВМРО-ДПМНЕ практично денес кажа дека за ВМРО-ДПМНЕ не е проблем правењето на уставните измени и вметнувањето на други делови од народи во рамки на нашиот Устав. Бидејќи ние не смееме да ја блокираме нашата иднина и иднината на следните генерации, ние нашите млади, нашите деца повторувам уште еднаш заслужуваме и заслужуваат да живат во земја членка на ЕУ, тука дома во Северна Македонија а не во туѓина, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека уставните измени за кои постапката веќе почна со подготовката на иницијативата во Министерството за правда не се однесуваат на ниту едно идентитетско прашање, туку се обезбедуваат правата на различните заедници кои живат тука, со што го штитиме идентитетот не само на другите, туку и сопствениот.

– Се гордееме како функционално демократско мултиетничко, мултикултурно, мултиконфесионално општество, без разлика кој на кој дел од општеството му припаѓа, бидејќи ние сме Европа во мало со оглед на разноликоста на граѓаните коишто живеат и на културата која што ја имаме во нашата држава. Ние се гордееме исто така со фактот што оваа држава и за неа се бореле и ја изградиле сите заедници коишто живеат во неа и кои и денес Северна Македонија ја чувствуваат како свој сопствен дом и работат на нејзиното унапредување. Тој модел на соживот е негување на различностите и навистина тоа негување на различностите е една врвна европска вредност која што практично е основата и на постоењето на ЕУ. И тоа е препознаено и поздравено од целиот демократски свет на јавна сцена и ние денес сме пример на општество кое што ги решило своите односи внатре во општеството, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека досега многупати сме го верификувале македонскиот јазик, кој е влезени во преговарачката рамка, каде јасно е напишан како македонски  и на него го потпишавме договорот ФРОНТЕКС, одобрен од сите земји членки на ЕУ. 

– Сите вие коишто бевте присутни на првата меѓувладина конференција можевте да видите на кабините за превод дека јасно стоеше македонскиот јазик. Билатералниот скрининг којшто се одвива во ЕУ во моментов 80 проценти се одвива на македонски јазик и законодавството на ЕУ се преведува на македонски јазик. Со тоа обврската која што ја презеде ЕУ во однос на признавањето на јасен чист македонски јазик без никакви додавки, фусноти или појаснувања го исполнува како преку состаноците, документите, така и преку сите јавни настапи на официјалните претставници на ЕУ, рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека сака да сподели оти една голема европска земја, една од најголемите членка на ЕУ, во текот на наредните недели ќе донесе резолуција со која се потврдува дека се препознава и признава недвосмислено македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската култура, кои сметаат дека ќе го збогати европскиот идентитет и тоа ќе биде направено од страна на нивниот парламент како врвно законодавно тело во оваа држава која што е една од најголемите држави во ЕУ.  

– Пред нас имаме одлука која што е политички тешка одлука со оглед на дискурсот која што ја пратеше во текот на изминатата една година, со оглед на многумина ставови коишто изнесени, коишто беа прилично дијаметрално спротивни до денес и таа одлука сите ние политичари имаме обврска да ја донесеме, бидејќи со неа обезбедуваме продолжување на европската интеграција на државата, подобар живот и подобра иднина за сите граѓани, бидејќи нашите граѓани заслужуваат и сакаат да живеат во земја членка на ЕУ, меѓутоа земја членка на ЕУ Северна Македонија, нашата, нивната земја, а не да живеат во земја членка на ЕУ во туѓа држава, изјави Ковачевски.

Осврнувајќи се на идејата на Мицкоски за формирање на влада без ДУИ, Ковачевски истакна дека се неговата заложба е за влада на национално единство со јасна цел – европска интеграција.

– Мицкоски сметаше дека некои партии не требале да бидат дел од Владата, но нас ни треба влада која ќе биде широко обединување на сите, која ќе има јасна цел. Тоа ќе биде влада на обединување, на европска интеграција. а нема да биде влада на изолација и дестабилизација, други сценарија можат да доведат до други резултати во општеството, додаде премиерот. 

Запрашан дали за ставот за формирање влада на национално единство има согласност и од коалициските партнери, Ковачевски изјави дека никогаш не дава изјави во име на други политички партии, ниту пак коментира нивни политички ставови.

– Како претседател на СДСМ во координација со раководството на СДСМ сум го изнел предлогот. Секако дека и другите коалициони партнери ќе имаат можност да се произнесат во однос на овој предлог, меѓутоа бидете сигурни дека секогаш пред да донесам одредена одлука или пред да дадам изјава дека се консултирам со сите засегнати страни, рече премиерот.