– Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се домаќини на неформален состанок на лидерите на земјите сојузници на НАТО од регионот што се одржува во Скопје.
На состанокот, освен Ковачевски и Столтенберг, присуствуваат и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, и премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Во изјавата за медиумите пред почетокот на состанокот, Столтенберг ѝ се заблагодари на Северна Македонија за нејзиното лидерство и посветеност на НАТО и истакна дека Северна Македонија е успешна земја на многу различни начини, вклучително и тоа што е „успешно мултиетничко општество“.
Премиерот Ковачевски изјави дека одржувањето на овој состанок токму во Скопје е уште една потврда дека Северна Македонија е ценет партнер во НАТО и „фактор на стабилност во регионот“.
„На денешниот состанок ќе разговараме за регионалните безбедносни прашања, но секако дека ќе разговараме и за клучните теми во однос на војната во Украина, конфликтот во Појасот Газа, како и за сите други прашања што се однесуваат на градењето долгорочен мир, безбедност и стабилност во нашиот регион, меѓутоа и во Европа и во светот. Благодарност уште еднаш до генералниот секретар“, додаде Ковачевски.
– Рама: Се собираме во време на војни и сериозни кризи што имаат потенцијал директно да го загрозат нашиот регион
Премиерот на Албанија, Еди Рама, во својата изјава на сите Албанци во Северна Македонија им го честита 22 Ноември, Денот на албанската азбука.
„Многу ми е мило што денес се собираме овде во не толку лесно време за сите, во време на војни и сериозни кризи што имаат потенцијал директно да го загрозат нашиот регион, во време кога овде во регионот сите треба да се фокусираме на заштитата и зачувувањето на постигнатото, што не е малку: Кревок општ мир, но сепак мир, и да ги вложиме сите наши напори да го претвориме ова во конечен и стабилен мир“, рече Рама.
– Спајиќ: Ќе продолжиме да ја поддржуваме Алијансата
Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, во кратка изјава рече дека му е драго што неговото прво патување по назначувањето за премиер е токму на состанок на НАТО и во Северна Македонија што, според него, ја покажува посветеноста на НАТО кон Балканот.
„Многу ни е драго што сме дел од оваа Алијанса. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Алијансата и ќе продолжиме со кредибилното и активно партнерство со НАТО“, рече Спајиќ.