Ковачевски: “Сите трансакции кои сум ги имал како вработен во Телеком се врз основа на договор за работа“
„Сите мои трансакции кои сум ги имал како вработен во Македонски Телеком и во Телеком Австрија групација се врз основа на договор за работа, односно менаџерски договор, кои што се пријавени во Управата за јавни приходи и не постојат никакви дополнителни или други приходи по кој било основ“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот Димитар Апасиев, во врска со, како што праша лидерот на Левица, „вашата инволвираност во аферата Маџар Телеком“, премиерот кажа дека сите трансакции што ги имал се врз основа на договор за работа, а информациите кои што ги истакна пратеникот Апасиев во врска со инволвираноста на премиерот во аферата, кажа дека не може да ги потврди.
На дополнително прашање од пратеникот, дали премиерот има оф-шор сметки, тој одговори дека нема.
Во однос на прашањето за каматите кои што ги наплаќаат банките, поставено во насока „дали вие како владејачка партија, ќе поддржите законска измена во Законот за облигациони односи и во Законот за извршување, каде што ќе се забрани течењето камата на камата ?“, премиерот одговори дека истото прашање е веќе во собраниска процедура.
„Законот за финансиски друштва е веќе мислам петти месец во собраниска процедура, во кој што се регулира давањето на кредитите, нивната висина, вкупните трошоци кои што може да ги наплаќаат давателите на кредити, и тоа е нешто што е веќе на разгледување во Комисиите помеѓу пратениците и јас ги поттикнувам што побрзо да ги донесат тие измени“, кажа премиерот.
Дополни дека ќе се направи и анализа на законите во делот на облигационите односи, наплаќањето на каматите.
„И трета работа за која што треба да се разговара во Собранието, бидејќи се работи за Закон за банки, е во делот на регулирање на каматите и тоа особено на односот помеѓу активните и пасивните камати, како и примената на активните и пасивните камати при пазарни нарушувања како што имавме во времето на оваа криза“, вели Ковачевски.