Ковид, грип и вируси – болниците во Македонија се полни

Ковид, грип и вирус, амбулантите и понатаму се полни со пациенти кои се жалат на висока температура, кашлица и други симптоми. Лекарите велат дека во овој период трите се испреплетени и дополнително се појавува лоша кашлица.

Врвот на инфекцијата се очекува следната недела и бројот на заболени од грип овој период од годината во однос на истиот период лани е зголемен за околу 20%. Според докторката Валентина Митрова, невакцинирањето кај граѓаните има големо влијание врз ваквата состојба, поточно со појавата на голема кашлица.

„Во овој период трите се испреплетени, сè уште постои Ковид, кој веќе е како хронична респираторна болест, грип и вирус. Нашите клиники, како и целата држава, се преполни со пациенти со симптоми на кашлица, болки, висока температура која може да трае и неколку дена. За жал, има и една изумрена болест која веќе почна да се појавува во однос на голема кашлица која се појавува поради невакцинација“, вели Митрова.

Кога станува збор за вакцината против сезонски грип, Митрова вели дека свеста кај пациентите расте во делот на грижата за своето здравје. Сепак, апелот и понатаму важи за сите над 65 години да се вакцинираат. Истовремено, таа додава дека и децата треба да се вакцинираат против голема кашлица.

„Од година во година се зголемува свеста, луѓето се грижат за своето здравје, но сепак ќе упатам апел до оние над 65 години кои имаат хронични заболувања редовно да ја примаат вакцината против сезонски грип. Не дека нема да се разболат, туку ќе поминат со поблаги симптоми“, додава Митрова.

Сезонава од грип во земјава се заразени 3.500 граѓани и има шест смртни случаи. Најзагрозени се лицата со хронични заболувања и поради оваа причина Комисијата за заразни болести на последната седница препорача задолжително поставување маски во болниците и домовите за стари лица.